Попоски: Грција не отстапува од црвените линии

20.02.2014 11:51

Политичката реалност кај јужниот сосед не остава простор за суштинско поместување, рече македонскиот шеф на дипломатијата, Никола Попоски по средбата со грчкиот колега Евангелос Венизелос...

Иако во својство на претседавач со Советот на ЕУ, грчкиот шеф на дипломатијата  не можеше да го избегне прашањето за спорот со името. По средбата со Венизелос во Министерството, шефот на дипломатијата на Република Македонија Никола Попоски потврди дека една од темите била и името.

„Политичката реалност кај јужниот сосед не остава простор за суштинско поместување. Не би имал посебни очекувања пред европските парламентарни избори во мај. Ние подолго време го искажуваме ставот дека владеењето на меѓународното право и искрен дијалог се еднинствениот начин да се придвижи процесот“, рече Попоски.

Прашан зошто само во Македонија Венизелос не одржа заеднички прес со домаќинот како во Белград, Сараево и Подгорица, Попоски одговори:

„Ќе има прес конференција во ЕУ Инфоцентарот. Овде позадината (амблем на министерството за надворешни на Република Македонија н.з.) мене многу ми се допаѓа. Некому може нема да му се допадне.“

Грчките новинари се интересираа дали Македонија повторно ќе тужи во Хаг, ако на самитот на НАТО во Кардиф годинава одново не станеме полноправна членка. Шефот на македонската дипломатија Попоски возврати:

„Сакаме да станеме дел од меѓународните организации во кои владеењето на меѓународното право е во основата. Зато не смее да се игнорира правниот аспект на ова прашање. Не би шпекулирал. Во наш интерес е да сме таму каде што е и нашиот јужен сосед.“

 

Лидија Чакар