Уапсен помошник-началникот на Охридската полиција

20.02.2014 12:33

Помошник-началникот на охридската полиција и уште двајца граничари од Ќафасан и од Франгово паднаа во рацете на своите колеги...

Помошник-началникот на охридската полиција и уште двајца граничари од Ќафасан и од Франгово паднаа во рацете на своите колеги. Се товарат за злоупотреба на службената положба и за помагање. Биле дел од криминалот со нелегален престој на  танчарки во тетовскиот бар „Бели 9“.  Полициските службеници  на албанска државјанка и удриле печат во пасошот без да се појави на граничен премин.

„Документиран е еден случај кога ставале печат за влез во РМ на патната исправа на една од странските државјанки кои беа откриени во угостителскиот објект во Тетово, без нејзино присуство и освен тоа вршеле и одредени проверки во системите и во евиденциите на МВР“, изјави Иво Котевски – помошник-министер за односи со јавноста во МВР.

Четвртиот приведен е тетовец, кој се сомничи за трговија со луѓе и за криумчарење мигранти. Не е исклучено дека групата била вклучена и во други случаи, информираат од МВР. Ова е продолжение на ланската акција во Тетовско кога беше откриена криминална група и петмина заработија кривични пријави. Беа откриени и 25 странски државјанки на кои им е забранет влез во земјава.


Наташа Гркова-Петрушевска