Иванов- Венизелос: Почитување на меѓународното право
На средбата беа разменети мислења и информации околу процесот на евроинтеграции на Република Македонија за време на грчкото претседавање со Европската унија...

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими претседавачот на Советот на Европската унија, министер за надворешни работи и заменик-претседател на Владата на Република Грција, г. Евангелос Венизелос.
На средбата беа разменети мислења и информации околу процесот на евроинтеграции на Република Македонија за време на грчкото претседавање со Европската унија.
Претседателот Иванов и посака на Република Грција успешно претседавање со Европската унија и изрази очекување дека како претседавачи, и покрај фактот што не е во приоритетите, сепак ќе останат посветени на политиката на проширување.
Претседателот Иванов потенцираше дека Република Македонија бележи постојан напредок во клучните реформски области, што се потврдува и со петте последователни препораки за почеток на пристапните преговори, и дека клучна препрека за евро-интеграцискиот напредок и натаму останува прашањето за името.
Овозможувањето на паралелно движење на процесот за решавање на билатералното прашање и процесот на пристапни преговори за членство во ЕУ, кој се покажува како успешна и позитивна практика, доколку се примени во нашиот случај, ќе биде од корист не само за Република Македонија, туку и за Република Грција и за целиот регион, посочи македонскиот претседател.
„Решение за отвореното прашање е можно само со стриктно придржување до рамката во која се води процесот во ООН, со почитување на постоечките резолуции на Советот за безбедност, Времената спогодба, меѓународното право и пресудата од Хаг“, му порача македонскиот претседател на министерот Венизелос, дополнувајќи дека навлегувањето во прашањата од сферата на идентитетот и човековото достоинство не е дел од рамката и не придонесува кон напорите за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение.
Претседателот Иванов истакна дека е потребно е да се следи примерот на двете општества, потребно e зголемување на меѓусебната доверба, што ќе се постигне преку почести контакти на сите нивоа.
„Не доликува на две европски соседни земји во 21-иот век да не комуницираат на највисоко политичко ниво. Меѓу нашите земји има огромни можности и потенцијали за соработка во сите сфери од заемен интерес“, истакна Иванов и ја повтори отворената покана за посета на грчкиот претседател на Република Македонија.
Во контекст на билатералната соработка, македонскиот претседател го потврди интересот на Република Македонија за интензивирање на економската соработка и зајакнување на преку-граничната соработка, посочувајќи дека проширување на билатералната правна рамка за соработка ќе придонесе во унапредување и на политичките односи меѓу двете земји.
На средбата беа разменети мислења и информации околу актуелните случувања во регионот, односно околу европските перспективи на земјите од Западен Балкан.
