Ново средно училиште во Шуто Оризари
Во новиот објект ќе има место за околу 900 средношколци...

Завршува долгогодишната мака на дел од средношколците од Шуто Оризари кои беа принудени да патуваат и по десетици километри за да следат настава. Од 1-ви септември ќе учат во ново средно училиште, прво во оваа општина. Уписите ќе почнат откако објектот ќе биде целосно израден.
„Имотно-правен спор, што се појави по поставувањето на камен-темелникот, а потоа поради неодговорност на дел од претходните изведувачи, беше причина изградбата на објектот да биде во застој неколку години“, изјави министерот за образование Спиро Ристовски.
Паралелно се работи на доизградба и на училиштата „26 јули“ и „Браќа Хамид и Рамиз“. Се очекува модернизираните услови да го подигнат степенот на образование кај ромската популација. Во изминативе години државата донесе повеќе стратегии за социјална вклученост на Ромите.
Како резултат на ова, за 23 % е зголемен бројот на првооделенчиња и двојно е зголемен бројот на запишани студенти од ромска националност на државните универзитети.
Викторија Тодоровска
