Венизелос во Македонија: Го избегна „Александар Велики“, но не и „Филип Втори“

20.02.2014 13:46

„Стоп за грчкиот геноцид“ и „100 години окупација“ – дел од пораките на Македонците за добредојде на Венизелос...

Не успеаја напорите на шефот на грчката дипломатија да го избегне Александар Македонски. Одби да слета на „Александар Велики“, но се смести во „Александар Палас“, а со македонскиот колега Никола Попоски се сретна на адреса „Филип Втори“. 
 
Пред зградата на македонската Влада, пак, за топол пречек ќе се погрижат Светскиот македонски конгрес, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и здружението Македонски манифест, коишто на Венизелос ќе му посакаат добредојде со транспаренти „Стоп за грчкиот геноцид“, „100 години окупација“ итн. 
 
Во своите анализи, грчкиот печат се обидуваше посетата на Венизелос да ја претстави како конструктивен гест, обвинувајќи ја македонската Влада дека наводно креирала негативна атмосфера, со изјавите како онаа на шефот на дипломатијата Попоски дека Грција ја блокира европската интеграција на Македонија. Но, фактичката состојба во Македонија е дијаметрално спротивна од она што го прикажува грчкиот печат. Незадоволство и голема скептичност околу посетата на Венизелос постојано искажуваат мнозинството граѓани, здруженија, организации, експерти.
 
Порталот „Њузбист“  под насловот „Со протести ќе му се посака добредојде на Венизелос во Скопје“, пишува: 
 
„Прием со демонстрации на централниот плоштад во Скопје, каде што се наоѓа статуата на Александар Велики, ќе биде организиран за Евангелос Венизелос, којшто во рамките на турнејата низ Балканот ќе се сретне со политичкото водство на земјата.“
 
„Серија контакти на Венизелос во Скопје“ е насловот под кој весникот „То вима“ информира дека Венизелос, меѓу другите, ќе се сретнел и со амбасадорите на земјите- членки на ЕУ во Македонија. 
 
Венизелос по средбите заминува за приштинскиот аеродром, од каде што ќе „летне” назад во Атина.
 
Марија Котовска - постојан дописник на МРТ од Атина