Привршува изградбата на далноводот Вруток – Полог – Тетово
Континуирано и квалитетно снабдување со електрична енергија ќе се обезбеди со доизградбата на далноводот Вуток – Полог – Тетово, која се очекува да заврши до септември годинава...

Во тек е изградбата на последната делница од третата секција на двосистемскиот 110 киловолтен далновод Вруток – Полог – Тетово.
Со завршувањето на овие работи во целост ќе биде изграден и ставен под напон овој далновод во должина од 33 километри. За проектот се вложени 3 милиони евра, средства обезбедени од Европска инвестициска банка.
„Овдешната економија, фабриките од овој регион, кои во изминатиов период имаа огромни проблеми во снабдувањето со електрична енергија, во иднина нема да го имаат тој проблем. Но и жителите на полошкиот регион ќе имаат посигурно снабдување“, изјави министерот за економија Ваљон Сарачини.
Изградбата на двосистемскиот далновод е од големо стратешко значење, бидејќи изминативе години неколку пати се случуваа испади, а регионот со часови остануваше без струја. Сега се обезбедува континуирано и квалитетно снабдување.
Поставувањето два системи за пренос на електрична енергија значи дека овој вод има двојно поголем капацитет од стандарден вод. Со тоа се решава прашањето за снабдување со електрична енергија на полошкиот регион во следниве десеттина години.
По завршувањето на овој, се најавува реконструкција на далноводот Скопје – Тетово.
„Со цел да ги подобриме напонските прилики во целиот овој регион, ние формираме еден прстен, и за таа цел, како дополнителен проект на овој, ќе напарвиме реконструкција и на далноводот Скопје – Тетово“, рече Синиша Спасов, директор на АД МЕПСО.
Изградбата на далноводот Вруток – Полог – Тетово се очекува да заврши до септември годинава.
Зоран Јовановски
