Внимателно со сурогат мајчинството-порачуваат психолозите

20.02.2014 15:54

Според ставовите на психолозите и психијатрите за сурогат мајчинството, жената што го носи детето од коешто треба да се раздели е многу сериозна променлива состојба којашто треба да се следи во периодот пред зачнувањето, за време на бременоста и по раѓањето на дететото.

Но и ако го исполнува условот на психофизички здрава личност, нема стопроцентна гаранција. Затоа треба стручна континуирана поддршка.

,,Тоа е специфичен момент што треба психолошки да се проследи, да се подготви низ целата бременост, и при таа разделба, која секако ќе носи емоции, треба да биде професионално поддржан.И самиот процес на договарање треба да биде малку подолг. Не од едно интервју за да се види психолошкиот профил на мајката само како административна процедура, туку следење на 3 до 6 месеци за да знае мајката што прифаќа.“-вели проф.д-р Антони Новотни–психијатар-директор на УК за психијатрија-Скопје

Новотни праша како ќе се контролира за време на бременоста дали пие, пуши или води нездрав живот.  Другите со дилеми за последиците-може ли од добра намера да се произведе општествен проблем.

,,Хуманата димензија може да се претвори во страшно голем ризик. Проблемот на едно семејство да се удвои кај две семејства,па дури да создаде и проблеми во општеството.Мора да се внимава да не дојде до таков непосакуван ефект за да се постигне целта.“смета проф.д-р Виолета Арнаудова-раководител на Институтот за психологија-Филозофски факултет Скопје

Се отвори  дилема дали треба да се вика сурогат мајка или трудница, дали не треба да му се каже на детето пред да наполни 18 години заради опасноста да дознае на понепријатен начин порано. Колку е важен мотивот?

,,Ако е тоа алтруистички, треба да биде тесна врска, зошто сурогат мајката го прави тоа, за кого е тоа наменето. Какви ќе бидат последиците за неа? Можеби ќе бидат минимализирани ако се процени дека е зрела возрасна личност која одговорно и на обмислен начин ќе го направи тоа дело. Е, сега како ние ќе го знаеме тоа, е прашањето на сите овие дебати.“смета Мирјана Јовановска-Стојановска-  м-р по клиничка и советодавна психологија

Сурогат мајчинството е по вторпат на дебата. Пред еден месец кај гинеколозите,сега кај психијатрите и психолозите. Следуваат дебати кај правниците и етичарите.

Соња Стојановска