„Амфенол“ го менува животот во Кочани
Со отварањето на фабриката на американската компанија Амфенол во Кочани, постои придвижување на пазарот на труд во општината...
Кога е платата редовна, работното време 8 часа, животот е стабилен. 38-годишната Марија Дејанова 15 години работејќи кај газди кои не го почитувале законот, очекувала подобри услови... Животот и се смени откако пред три месеци почна да работи во американска компанија во Кочани.
„Знаеш дека ќе ја земеш платата, тоа што имаме и здравствено осигурување исто многу ми зачи. Порано работев и за празници, и во сабота и во недела. Сега кога сум дома за викенд, децата се среќни, можам да им посветем време“, вели Марија Дејанова, вработена во Амфенол.
Дејанова и многу нејзини колеги го снабдуваат европскиот пазар со конектори и кабли за автомобили, како и со опрема за мобилни телефони.
„Перманетно секој месец бројот на вработените ќе се зголемува за нови 20-тина вработени“, изјави за МРТ Сашко Наков, менаџер на Амфенол Македонија.
Освен користа од нови вработувања, Македонија ќе добие имиџ на земја на нови техолигии каде што се производуваат уреди за електрични возила.
„Тоа е оној чарџер или напојувач, функцијата ќе биде како на бензинските пумпи, но наместо бензин, ќе се напојува електрична енергија“, објаснува Наков.
Амфенол, позната во светот со производи наменети за автомобилската и авионската индустрија, железницата, комуникациската опрема и електрониката.
По Американците, и Холанѓаните ќе инвестираат во Кочани. Во моментот траат градежните работи. Тука ќе биде изграден објект каде што холандската фирма Антура ќе произведува семенски материјал за цвеќиња. Ова е нова надеж за невработените.
А бројот на оние што бараат работа не е за занемарување. Во Центарот за вработување се регистрирани 6.400. Структурата на кадарот е разновидна, има 20 –тина магистри, 450 со факултет, но и 100 –тина без образование.
„Со доаѓањето на Амфенол имаме придвижување на пазарот на трудот. Кај нив поминаа веќе два огласа, од кои на првиот се вработија 70 луѓе. Во петокот заврши вториот оглас, за 43 слободни места. Имаше голем број апликации, можеби над 1000“, вели Звонимир Паунов, раководител на Центарот за вработување Кочани.
Најголема е бројката на оние кои имаат над 50 години и активно бараат работа. Првиот човек на општината оптимист.
„Само годинава 1.000 невработени ќе добијат работни места и ќе обезбедат егзистенција“, изјави за МРТ градоначалникот на Кочани, Ратко Димитровски.
Американците во првата фаза ќе инвестираат 6 милиони евра, додека Холанѓаните 12 милиони евра.
Наташа Јанчиќ
