Започнува изградбата на автопатот Миладиновци- Штип
21.02.2014 08:59
Инвестицијата изнесува 206 милиони евра, што државата ги обезбеди со кредит преку кинеската Ексим банка...

Изградба на новиот автопат Миладиновци - Штип почнува денеска со поставување камен-темелник на местото „Три чешми“, во Штипско. Автопатот ќе биде долг 47 километри, а широк 29 метри, со по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување.
Инвестицијата изнесува 206 милиони евра, што државата ги обезбеди со кредит преку кинеската Ексим банка, со рок на отплата од 20 години, пет години грејс период и каматна стапка од 2 процентни поени.
Новата автопатска делница ќе ја гради кинеската компанија „Синохидро Корпоратион Лимитед“, со која Владата потпиша договор во декември лани. Кинеската компанија, која треба да го гради и автопатот Кичево-Охрид, во должина од 56 километри, е обврзана да ангажира македонски подизведувачи за најмалку 49% од предвидените работи и да набави најмалку 49 % градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата се обврзани да ангажираат за работа минимум 51 процент македонски државјани.
Со изградбата на двете нови автопатски делници се очекува интензивирање на економскиот развој во сите региони од државата, развој на туризмот и намалување на времето за патување и зголемување на безбедноста во сообраќајот.
