Стигнаа првите реакции од Атина за Венизелос во Македонија

21.02.2014 12:54

На средбата со македонскиот премиер Никола Груевски, сепак, било утврдено дека Грција и Македонија „треба интензивно да ја искористат постојната процедура која се води со посредство на Метју Нимиц, во рамките на одлуките на Советот за безбедност на ОН“...

Министерот за надворешни работи Евангелос Венизелос ја реализира посетата на Скопје во напната атмосфера, пишува  грчкиот весник „Катимерини“.

На средбата со македонскиот премиер Никола Груевски, сепак, било утврдено дека Грција и Македонија „треба интензивно да ја искористат постојната процедура која се води со посредство на Метју Нимиц, во рамките на одлуките на Советот за безбедност на ОН“.

„Груевски ми повтори дека неговата земја нема територијални претензии и не демонстрира никаков иредентизам. Ова е важно, но треба да се претвори во креативен став во врска со името“, ја пренесува „Катимерини“ изјавата на Венизелос за грчките новинари.

Весникот во продолжение  потсетува дека во Скопје го дочекал протест на националистите од Панмакедонскиот конгрес и драконски мерки за безбедност“.

„Показател за атмосферата беше и тоа што по средбата со министерот за надворешни работи Попоски, двајцата министри не дадоа заеднички изјави. Се разбира, Попоски го буцна Венизелос за тоа велејќи дека ’очигледно не му се допадна заднината’, односно натписот ’Република Македонија’“, пишува „Катимерини“.

Весникот на крајот ја пренесува изјавата на Венизелос за грчките новинари по средбите за „поврзаноста на добрососедските односи со отвореното прашање за името и со билатералните односи со другите земји“ и дека во врска со името побарал покреативен став од Скопје.

Лидија Чакар