Светска банка: Потребни се пензиски реформи за да се заштитат идните генерации во светот
Превртената пирамида каде што се повеќе има неработоспособно население отколку обратно наметнува потреба од пензиски реформи за да се заштитат идните пензионери...

Стареењето на населението ќе создаде тешкотити со исплата на пензиите на идните генерации се констатира во денешниот извештај на Светска банка објавен во Брисел. Превртената пирамида каде што се повеќе има неработоспособно население отколку обратно наметнува потреба од пензиски реформи за да се заштитат идните пензионери. Иако многу земји во Европа (меѓу кои и Македонија), како и во централна Азија имаат преземено многу промени во начинот на прибирање средства за пензии, според потпретседателот на Светска банка за овој регион Лора Так, тоа не е доволно.
Аналитичарите на оваа респективна институција заклучуваат дека пензиските системи не треба да бидат многу дарежливи со права и бенефиции за се поголемиот растечки број пензионери, но сепак да се внимава да не бидат под границата на достоинството. Се предлага како приоритет да се обезбедат основните пензии. Една од мерките е стимулација за подолг работен век, како на пример скратено работно време за постарите и да добиваат дел од пензијата по исполнување на границата за пензионирање, приспособување на работните места на администрацијата, со удобни столови и компјутери со лупа, обука на постари за приспособување на новините во работниот процес. Сугерираат и поттикнување на поединечни долгорочни планови за поединечно штедење.
Решенијата се различни за сите. Експертите на Светска банка, препорачуваат земјите да почнат социјален дијалог за долгорочна одржливост на пензиските системи во зависност од демографските предизвици.
Македонија речиси пред една деценија овозможи задолжително штедење на две сметки за нововработените, две третини од придонесот во државниот и една во приватен пензиски фонд. Се отвори можност за дополнително доброволно осигурување. Но државната пензиска каса се повеќе се празни поради соодносот на 1,9 вработен на 1 пензионер, (пред 20 години 5 вработени издвојуваа за еден пензионер). Значително влијание има намалувањето на стапката за придонес од 21,2% на 18%, затоа исплатата на пензиите се повеќе зависи од алиментирање од државниот буџет.
Соња Стојановска
