Дали Венизелос ќе го исполни ветувањето во април!?

21.02.2014 17:15

Македонија ја искористи посетата на Венизелос за да се претстави како конструктивна страна за решавање на долгогодишниот спор.

Но, дали оптимистичката изјава на грчкиот дипломат за можни средби на повисоко политичко ниво ќе бидат реалност, останува да се види по солунскиот самит. Аналитичарите што ги анкетираше МТВ со поделени ставови. Сашо Клековски оценува дека нашиот премиер ја убедил Грција дека Македонија нема територијални претензии и е подготвена за преговори, судејќи според изјавата на Венизелос.

-Претходно Грција истапуваше со тези дека Македонија поттикнува ирединтизам, значи има едно отстапување од таа реторија и поврзано со тоа, и дека се до сега Атина се повикуваше на неконструктивноста на Скопје. Пораката дека помеѓу двете страни има подготвеност за разговарање околу спорот со името е отстапување од таа претходна реторика дека Скопје е неконструктивно. Ми се чини дека тоа е главниот дел од поместувањето – изјави за МТВ аналитичарот Сашо Клековски.

За новинарот Христо Ивановски, вчерашните средби не донеле ништо ново, а Грција која во моментов се соочува со поважни домашни проблеми, не е подготвена да посвети внимание на спорот со името.

-Не очекувам во скора иднина дека нешто може да се случи во смисла на некаков политички дијалог меѓу двете страни. Има повеќе причини, но главта причина е недостиг на политичка волја на грчката страна по повеќе отворени прашања – анализира новинарот Христо Ивановски.

За да дојде до конкретен исчекор во преговорите, велат аналитичарите, неопходно е политиката да се крене на повисоко ниво. Досегашните средби на ниво на лидери на помали коалициски партнери, како онаа на Али Ахмети во Атина не помагаат многу. За да се намалат разликите, потребно е во процесот активно да се вклучат големите политички фактори како ВМРО-ДПМНЕ од една и Неа Демократија од друга страна, заклучува Клековски.

Новинар: Анита Димитријевска

Снимател: Висар Мехмети