Почнува изградбата на автопатот Кичево-Охрид
22.02.2014 08:44
Најавено е работите да завршат за 45 месеци. Компанијата Синохидро корпорејшн лимитед од Кина ќе ја врши изградбата, додека зафатот ќе чини 274 милиони евра...

Со свеченост што ќе се одржи денеска кај селото Извор, Кичевско, и официјално ќе започне изградбата на автопатот Кичево – Охрид, најзначајниот инфраструктурен објект за цела Западна Македонија.
Најавено е работите да завршат за 45 месеци. Компанијата Синохидро корпорејшн лимитед од Кина ќе ја врши изградбата, додека зафатот ќе чини 274 милиони евра. Покрај кинеската компанија во изградбата на патот ќе учествуваат и повеќе градежни и други компании од земјава. Кинеската компанија е обврзана да ангажира македонски подизведувачи за најмалку 49% од предвидените работи и да набави најмалку 49% градежни материјали од Македонија. Изведувачот и подизведувачот во тек на изградбата се обврзани да ангажираат за работа минимум 51% македонски државјани.
Вкупната должина на автопатот изнесува ќе 56,7 километри. Ќе има две ленти по 3,75 метри во правец, лента за застанување од 2,5 метри, како и рабни летни и банкини по целата должина. Помеѓу двата коловоза ќе има разделен појас во должина од 3 метри. Автопатот ќе има 6 натпатници, 13 потпатници, 22 мостови – вијадукти, 7 армирано бетоснки мостови, како и тунел под планинскиот превој Пресека со две цевки за двата правци во должина од 1.990 метри.
Вчера започна и изградбата на автопатот од Скопје до Штип, кој ќе биде долг 47 километри, а широк 29 метри, со по две коловозни ленти од двете страни и една дополнителна лента за застанување. Инвестицијата изнесува 206 милиони евра, што државата ги обезбеди со кредит преку кинеската Ексим банка. И оваа автопатска делница ќе ја гради кинеската компанија Синохидро.
