Претепани шумски полицајци во Прилеп
Од шумската полиција велат дека истите овие лица кои ги нападнале секој ден крадат дрва од планината, но досега не биле затворени.

Шумската полиција во Прилеп вечерва повторно беше нападната од страна на дрвокрадците во месноста Дервен, при што двајца припадници на оваа служба се потешко повредени. Околу 19 часот дрвокрадците со возило лада им го препречиле патот на полицијата, при што околу 20-тина криминалци, вооружени со палки и секири ги нападнале полицајците.
„Маваа по нас со секакви предмети, јас бев удерн по левата страна на грбот, под ребрата. Лицата беа од ромска националност, но бидејќи се стемнуваше не успеав никого да препознаам, но еве сега дел од колегите каѓуваат дека знаат кои се“, рече Атанас Вељаноски, шумски полицаец.
Од шумската полиција велат дека истите овие лица кои ги нападнале секој ден крадат дрва од планината, но досега не биле затворени.
„Станува збор за чести дрвокрадци, кои нема ден, а да не се во планина и да крадат дрва и се додека нема затворски казни за нив тие нема да престанат“, вели Марко Трајкоски, шумски полицаец.
На повредените полицајци им беше укажана лекарска помош во Итната помош во Прилеп, а еден од нив беше пратен на дополнителни контроли во хируршкото одделение.
„Кај едниот полицаец видливо се познаваат траги на драскање и давење околу вратот, а кај другиот припадник на шумската полиција од левата страна на грбот видлива е поголема повреда од тап предмет во должина од 30-40 сантиметри“, истакна Гоце Јонзоски, началник на Итна помош Прилеп.
Од шумската полоција велат дека секој ден нивниот живот се наоѓа во опасност и затоа бараат итни промени на законот и повеќе овластувања.
„Државата треба да донесе закон и да даде поголеми овластувања на шумската полиција. За да можеме ние да стопираме, да поставуваме барикади и да можеме да употребуваме и физичка сила“, изјави Илија Спиркоски, командир на шумска полиција Прилеп.
Од полицијата велат дека утре ќе поднесат крицични пријави против дрвокрадците.
Дарко Штаргоски
