Крушево- Град на културата за 2014-та
Крушево годинава ќе биде балканска културна дестинација...

Во наредните 12 месеци Крушево ќе пулсира 24 часа дневно. Низ овие сокаци на старата чаршија ќе биде живо како никогаш досега. Фестивал на локумот и вареното вино, староградси песни и серенади, шиење на староградска облека од страна на туристите, изложби, премиери на филмови, и 10 дена театарски фестивал. Ова се само дел од манифестациите кои преку целата година ќе се одржуваат тука, како дел од проектот Крушево град на културата за 2014.
„Се водеше сметка да бидат опфатени сите уметности воопшто, ликовната, музичката, театарот, литературата. Причина повеќе да се дојде во Крушево покрај чистата природа, снегот и планините“, рече Никола Јованоски, координатор на проектот.
Крушево годинава ќе биде балканска културна дестинација.
„Крушево си има свој бренд во однос на хрната и затоа ја планираме и таа т.н. вечер на крушевската софра, каде ќе има работилиница за изработување и презентирање на тие традиционални специјалитети“, вели Елена Илиеска, координатор на проектот.
Програмата треба да ги задоволи сите вкусови од 7 до 77. За младите пак се организирани 2 големи настани. Првиот е хип хоп викенд кој ќе се одржи на месноста Гумење, а другиот е поп и рок фестивал кој ќе се одржи на вештачкото езеро.
Овие настани уште повеќе ќе ја збогатат туристичката понуда.
„Ќе се обидеме да го пополниме тој еден празен вакуум простор помеѓу летната и зимската сезона кога нас како град ни недостасуваа културни манифестации. Овие околу 100 културни манифестации кои се планира за оваа 2014 година планираме да станат традиционални и да се одржуваат секоја година понатаму“, изјави Ѓорѓи Дамчески, градоначалник на Крушево.
Одржувањето на манифестациите треба да започне од наредниот месец.
Дарко Штаргоски
