„Кичево-Охрид“ ќе биде најмодерен автопат во Македонија

22.02.2014 15:21

Автопатот ќе биде со должина до 57 километри, а инвестицијата изнесува 375 милиони евра...

Започна изградбата на автопатот Кичево – Охрид во должина од 57 километри. Инвестицијата изнесува 375 милиони евра и се очекува да биде завршен за 4 години. Премиерот Никола Груевски е задоволен особено од поддршката со Народна Република Кина во изградбата на делницата.

Жителите на општините Кичево, Охрид, Дебарца и Струга со задоволство го дочекаа почетокот на изградбата на автопатот. Со него, велат, ќе се надминат многу од проблемите со кои секојневно се соочуваат.

„Со таква комуникација и овој крај повторно ќе заживее како порано...Ќе се намали одливот на туристи во странските земји и ќе дојдат тука во Охрид...Ова е магистрала исток – запад, коридор кој има огромно значење“, велат жителите.

Автопатот кој го добива западна Макеоднија се очекува да ја раздвижи економијата поради подобрената комуникација со соседните земји и лесниот транспорт на луѓе и стока.

„Очекуваме отворање нови работни места, огромен ангажман на стручни кадри од градежништвото и индустријата, подобра бизнис клима, поголема конкурентност на државата при привлекување директрни странски инвестиции, подобра поврзаност на помалите со поголемите населени места, подобра поврзаност со соседните дежави“, изјави премиерот на Македонија Никола Груевски.

Премиерот Груевски е задоволен особено од поддршката од Народна Република Кина во изградбата на делницата.

Автопатот Кичево – Охрид ќе биде со должина од 57 километри и инвестиција од 375 милиони евра. Новата автопатна делница е наречена Мајка Тереза. Се очекува да биде најмодерна во земјава. Ќе поминува и од тука, кај селото Кленоец, а ќе биде изграден и тунел кај превојот Пресека.

Во тек е и изградбата на делницата Демир Капија - Смоквица, вчера започна да се гради автопатот Скопје – Штип, кои заедно со оваа делница парават вкупно 132 километри нов автопат, со што за 50% се зголемува автопатната мрежа.

„Автопатот од Кичево ќе започне со клучката кај Кнежино која ќе има функција на поврзување на постојниот магистрален пат со идниот автопат. До Охрид ќе бидат изградени 7 армирано бетонски мостови, 22 вијадукти со вкупна должина од 4,5 километри, 6 натпатници, 13 потпатници“, рече Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за државни патишта.

Изградбата на оваа автопатна делница ќе трае во следниве 4 години. 

Зоран Јовановски