Оер: Нема барање за промена на идентитетот
Она што е важно е дека постои консензус кај македонското население во однос на стратегиската визија на земјата, односно нејзината евроатланска интеграција, вели француската амбасадорка Лоренс Оер во интервју за „Радио Слободна Европа“...
„Нема никакво барање за промена на идентитетот, ниту на граѓаните, ниту на земјата и тоа е многу важно да се разбере, затоа што овој процес не е процес на откажување. Треба да верувате, еве во еден претставник на Франција, земјата која веднаш ја призна независноста на Mакедонија во 1991 година како независна и суверена земја - не бараме од вас да направите чекор наназад, туку токму спротивното“, вели француската амбасадорка Лоренс Оер во интервју на Радио Слободна Европа.
Она што е важно е дека постои консензус кај македонското население во однос на стратегиската визија на земјата, односно нејзината евроатланска интеграција. Тоа е многу важно затоа што таа рамка која е веќе утврдена за наредните години ние ја поддржуваме, посебно Франција ја поддржува. Прашањето за името во таа рамка треба да се реши, додава француската амбасадорка.
„Во однос на спорот ќе кажам дека тој подлежи под механизам на меѓународно посредништво, кој е од посебен вид. Станува збор за механизам кој зависи од Обединетите нации и кој бара двете земји да ги приближат ставовите, бидејќи медијацијата ќе биде успешна само ако двете земји го сакаат тоа и ако двете земји одлучат да се придвижуваат напред и да ги приближат ставовите. Повторувам, затоа што сиве овие години оваа медијација постои без да даде резултати, во земјата се губи надежта за какво било решение и не гледаме како да се излезе од овој магичен круг. Прво сакам да кажам дека прашањето за името треба да се реши и второ, нема никаква причина да се нема доверба во механизмите, посебно европските механизми“, нагласува Оер.
