Претставен новиот концепт на е-седници на Владата
Со него треба да се поедностави и да забрза процесот за создавање и управување со информации и елаборати што преку одредени постапки ќе ги ажурираат расправите на владините седници...
Владата денеска го претстави новиот концепт на електронска седница (е- седница). Со него треба да се поедностави и да забрза процесот за создавање и управување со информации и елаборати што преку одредени постапки ќе ги ажурираат расправите на владините седници.
Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски денеска најавија дека преку новиот мултиплатформски систем материјалите за владините седници ќе се обработуваат поефикасно и побрзо, со што ќе се зголеми транспаретноста и ќе се намалат трошоците.
„Граѓаните на Македонија ќе можат да ја забележат ефикасноста на работењето на Владата, кадешто ќе има поголем квалитет на работните материјали, а тоа ќе придонесе и за поголема ефикасност на институциите. Овој систем нема да застане на е-седница, колаборативната алатка којашто ја добиваме во склоп на решението ќе може да се применува и за други институции и други решенија коишто се воведени“, рече министерот Ивановски.
Решението го изработи домашната софтверска компанија Некстсенс, а треба да работи на сите оперативни системи и уреди, како паметни телефони, таблет уреди, персонални компјутери, лап-топи. Компанијата треба да го имплементира решението во рок од шест месец, за што се одвоени околу 330 илјади евра.
Ивановски нагласи дека со ова решение ќе се надмине најголемиот предизвик со кој се соочуваала Владата во изминатиот период при верзирањето на текстовите, имајќи ги предвид процедурите што треба да ги помине една информација пред да се разгледа на седница на Владата, со оглед дека претрпува промени.
