Мулен руж е дел од струмичкиот карневал

23.02.2014 15:31

Ренесансата ќе биде главната тема која ќе покажат на Струмичкиот карневал. Ренесансата е обнова, велат тие, а годинава ќе се обнови и стариот струмички театар кој е вистинска љубов на струмичани...

На два фронта е поделена групата Мулен руж. Посилниот пол работи на опремување на камионот, жените пак ги подготвуваат костумите, маските и периките. Ренесансата ќе биде главната тема која ќе покажат на Струмичкиот карневал. Ренесансата е обнова, велат тие, а годинава ќе се обнови и стариот струмички театар кој е вистинска љубов на струмичани. Воедно ќе одбележи и јубилеј 65 години постоење.
 
„Ќе почне обновата на стариот струмички театар и замислата ни беше да направиме една маска која ќе биде поврзана со ренесансата, со љубовта, со Ромео и Јулија, има ли нешто поубаво од љубовта“, вели Катерина Милушева дел од групната маска „Мулен руж“.
 
Она што ги прави оригинални маските на струмичкиот карневал е што во нив целосно е вложен трудот на учесниците. Од изборот на материјалите, па до финалниот изглед. Кроење, шиење, боење...

„Сите се обидуваме, сите работиме. Некој аматерски, некој попрофесионално. Но сепак, никој не се откажува“, објаснува, Анита Станковска од групна маска „Мулен руж“.
 
34-цата членови на групата со децении се претставуваат на карневалското дефиле. Цела година мислат, што и како и да и покажат на публиката.
 
„Меѓутоа идеите зреат во нас. И секоја година околу нова година, да не речам, официјално на Свети Никола се собираме и од тогаш работиме“, додава Ѓорги Хаџикотарев од групната маска „Мулен руж“.
 
Ентузијасти кои не чувствуваат замор. Главна цел им е да отидат и во Рио.
 
Струмица живее за карневалот. Ваквите сцени се повторуваат во повеќе домови во овој град. Она што останува е на 1 март сите да бидат дел од големото карневалско дефиле и да уживаат во гламурот и инвентивните идеи кои што струмичани овојпат ќе ги подготват за гостите.
 
Катерина Давчева