„Сончев град“ - нова елитна населба
Денес, на оваа прес-конференција, заедно со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, градоначалниците на општините Кисела Вода и Сопиште, Билјана Беличанец – Алексиќ и Стефче Трпковски, како и директорот на ЈП „Водовод“, Бојан Василевски сакаме да ве запознаеме со деталите кои се однесуваат на урбанизацијата на уште еден дел од Скопје, со цел создавање на потребната инфраструктура за изградена на нова, модерна населба, а тоа е населбата Сончев Град.

Владата на Република Македонија донесе одлука со која ќе се овозможи и изградба на потребните водоснабдителни и канализациски системи, а во тек е и изградбата на регионалниот пат од Скопје до Сончев Град.
Ние отпочнавме постапка за реализација на Проектот “Изградба на системот за водоснабдување за дел од населените места во општина Сопиште-Регионален водовод Патишка Река“ има големо значење за жителите на населените места во општината Сопиште за решавање на проблемот со водоснабдувањето, за подобрување на животниот стандард на населението, подобрување на комуналната инфраструктура и животната средина и во помагање на развојот на Општината.
Овој проект опфаќа изградба на три делници од магистрален цевковод со вкупна должина од околу 22 километри, како и изградба на филтер-станица и пристапен пат до истата.
За реализацијата на Проектот: “Изградба на системот за водоснабдување за дел од населените места во општина Сопиште-Регионален водовод Патишка Река“ се обезбедени средства во буџетите на Министерство за транспорт и врски и Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на РМ за буџетските 2015, 2016 и 2017, при што планирани се средства во висина од 260.000.000 денари.
Исто така, ќе се реализира и проект за изградба на фекална канализација во населено место Сопиште и населбата „Сончев град“ со одведување кон постојните канализациски мрежи во општина Кисела Вода и општина Аеродрoм. Овој проект има големо значење за жителите на населените места во општината Сопиште и општина Кисела Вода за решавање на проблемот со одведувањето на урбаните отпадни води, за подобрување на животниот стандард на населението, подобрување на комуналната инфраструктура и животната средина, а секако ќе го помогне и развојот на овие општини.
Овој проект опфаќа изградба на две делници:
1. делница: Фекална канализација од населено место Сопиште низ населба Припор, по улица „Христо Татарчев“ до раскрсница бул „Србија“ со ул. „Борис Трајковски“
Делницата е со вкупна должина од околу 3,8 км од населено место Сопиште, поминува низ населба Припор по улицата „Христо Татарчев“ (поранешна Сава Ковачевиќ) во општина Кисела Вода и завршува кај раскрсницата бул „Србија“ со ул. „Борис Трајковски“.
2. делница: Фекална канализација на делница од Сопиште по регионален пат Р302 и низ населено место Усје кон постоечки колектор во нас. Горно Лисиче
Делницата е со вкупна должина од околу 7,0 км од населено место Сопиште, поминува по регионалниот пат Р 302 и низ населено место Усје покрај Усјанскиот канал се врзува на постоечки колектор на ул. Никола Божинов кој води кон препумпна станица во Аеродром.
Во Буџетот на Република Македонија (Министерство за транспорт и врски и Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на РМ) за буџетските 2015, 2016 и 2017 година за реализација на овој проект планирани се средства во висина од 306.007.218 денари.
Како што е запознаена јавноста, за оваа локација по пат на јавно наддавање беше избран инвеститор кој ќе ја реализира изградбата на потребните објекти, за што во тек е постапката за издавање на одобрение за градење.
Во тек е и изградбата на патот кој ќе го поврзува Скопје со населбата Сончев Град со што ќе се подобри комуникацијата на општина Сопиште, општина Кисела Вода и Град Скопје со Водно и со новата населба Сончев Град. Патот е со должина од 4.5 километри и претставува инвестиција во вредност од 412.308.314 денари.
Сончев град станува реалност. Се работи за современ станбен комплекс со повеќе објекти кои имаат различни намени и содржини.
Ова е уште еден проект кој ќе придонесе кон дополнителен економски развој, подобрување на животниот стандард и отворање на нови работни места.
