Царината заплени стока во вредност од 2,7 милиони денари

24.02.2014 14:24

царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани лекови, цигари, текстилни производи, бижутерија, џебни ножеви, фалсификати, делови од метални скелиња, иверка и освежувачи за воздух...

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници спречија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани лекови, цигари, текстилни производи,  бижутерија, џебни ножеви, фалсификати, делови од метални скелиња, иверка и освежувачи за воздух.

Пазарната вредност на сомнителната стока е проценета на околу 2,7 милиони денари, доколку би се продавала како оригинал.

Од Царината соопштуваат дека при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Деве Баир, пронајдени се 18 паковки со цитостатици Vinorelbin 50mg/5ml, Irinotecan 100mg/5ml, Sindaxel 100mg/16,67ml и Farmorubicin 25ml – концентрати и солуции за подготовка на инекциски раствори.

Царината заплени и 3.624 модни додатоци - бижутерија, при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Ново Село.

Запленети се и 124 штеки цигари Pall Mall, LD и Trokadero, со македонски акцизни маркички, откриени на царинската испостава Делчево-патнички промет, во соработка со полициската служба на граничниот премин, при контрола на патничко возило со бугарски регистарски таблички, управувано од бугарски државјанин, пријавено за излез од државата.

Мобилните царински служби за време на викендот запленија и 840 освежувачи за воздух за автомобили 4.660кг употребувани елементи од градежно скеле, како и  3,42кубни метри иверка. Запленета е и техничка стока- 23 употребувани авторадио-ЦД уреди, од марките „Kenwood“, „Sony“, „PIONEER“, „Clarion“, „JVC“ и „Alpine“, откриени на царинската испостава Меџитлија, како и стока за која постои сомневање дека повредува права од интелектуална сопственост- - 904 пара машки обувки со ознаки на заштитена трговска марка.