Шест милиони денари здравствена заштита за Демир Хисар

24.02.2014 15:21

о овие пари целосно се заменети салонитните табли и се изврши реконструкција на покривната конструкција и е набавено ново санитетско возило за потребите на службата за итна медицинска помош...

За развој на примарната здравствена заштита во Општина Демир Хисар, само за една година министерството за здравство обезбеди финансиска поддршка од околу 6 милиони денари. Со овие пари целосно се заменети салонитните табли и се изврши реконструкција на покривната конструкција и е набавено ново санитетско возило за потребите на службата за итна медицинска помош.

Ова го истакна министерот за здравство при денешната посета на Демир Хисар. На средбата со директорката на Здравствениот дом, д-р Соња Талевска, министерот беше информиран, дека во оваа јавна здравствена установа изминатава година се вложени и значителни сопствени финансиски средства за подобрување на здравствените услуги, пред се во набавка на опрема и разни реновирања и реконструкции на објектот и инсталациите, а неодамна започна и проектот „Рурален доктор“

„Денеска се наоѓаме во една од ретките јавни здравствени установи каде што нема речици ниту еден посериозен проблем и каде што нема никакви финансиски загуби“, рече Тодоров и најави дела министерството ќе обезбеди дополнителни финансиски средства за набавка на контактен дензитометар за мерење на остеопороза,  дермоскен за рано откривање на малигни кожни заболувања, како и друга  опрема за потребите на биохемиската лабораторија.

Министерот Тодоров ја посети и Психијатриската болница, една од најстарите специјални здравствени установи во земјава. На средбата со директорката др. Снежана Најдовска, министерот беше запознат со условите во кои установата ја врши дејноста. Најсериозен е проблемот со неколкуте болнички згради кои се стари скоро шест децении, но и несоодветната и недоволна кадровска структура – како во стручно – медицинските, така и во техничките служби.

„Порано имавме околу 400 пациенти и  350 вработени, а сега искоро истиот број на пациенти се под третман на само 250 вработени. Недостасуваат лекари, психолози, социјални работници, но и работници во техничките служби“, информираше директорката Најдовска.

Министерот Тодоров најави, дека за сите проблеми со кои се соочува Психијатриската болница, ќе расправа владата од што може да се очекуваат и конкретни решенија за подобрување на здравствените услуги и во оваа здавствена установа.