Деценија од загинувањето на претседателот Трајковски
За МТВ експертите појаснија дека пропустите во планирањето на летот се должеле на непостоењето диспечерски центар. Службите биле неорганизирани и во нив работеле некомпетентни луѓе...

Сè е расчистено во однос на причините за падот на владиниот кингер. Повторната истрага нема да остави ниту еден сомнеж, ниту ќе има потреба од дополнителни прашања. Извештајот ќе стави точка на целиот случај, тврди Омер Кулиќ чиј тим веќе е во фаза на доставување на целокупната документација на јавното обвинителство на Босна и Херцеговина.
На почетокот на месецов тимот на Омер Кулиќ ја затвори истрагата во Македонија. Притоа, тие констатираа дека летот на кингерот уште од самиот почеток бил лошо испланиран. Утврдија дека имало многу индивидуални и колективни грешки и лошо донесени одлуки.
За МТВ експертите појаснија дека пропустите во планирањето на летот се должеле на непостоењето диспечерски центар. Службите биле неорганизирани и во нив работеле некомпетентни луѓе. Човекот кој ги обучувал пилотите токму за кингерот, Кирил Каевски смета дека веројатно пилотите не ја запазиле процедурата отстапувајќи од висинската граница предвидена за слетување. Не ги знае причините за тоа, но сигурен е дека оваа отстапка била кобна за кингерот и екипажот.
„Дали намерно или ненамерно ја напуштиле висината од 2.000 фити и согласно звучниот сигнал кој го слушнав на лентата тие биле пониско за 300 фити од таа височина на која требале да бидат. И тоа е причината за ударот во земјата“, вели Кирил Каевски.
Дека имало отстапки од процедурата , како и проблеми со инструментите за навигација утврди и комисијата предводена од Кулиќ , при симулацијата на летот. И оваа дилема веројатно ќе биде расчистена после објавувањето на извештајот.
Иако претходно беше најавено дека на десетгодишнината од падот на кингерот кога претседателот Трајковски и неговите соработници ги загубија животите, сега Кулиќ вели дека заклучоците од истрагата на јавноста ќе и ги презентира во март или април годинава.
Фиљана Кока
