Кој ќе биде новиот македонски амбасадор во Москва?

24.02.2014 16:30

Димитров се одлучил на ваков потег по 18 години дипломатска кариера, поради како што оценил „повеќе можел да придонесе во развојот на демократијата и приклучувањето на Југоисточна Европа во евроатлантските институции“...

Иако требаше да биде назначен за македонски амбасадор во Москва, досегашниот прв дипломат во Холандија, Никола Димитров се одлучи да ја продолжи кариерата во Хашкиот институт за глобална правда. Димитров се одлучил на ваков потег по 18 години дипломатска кариера, поради како што оценил „повеќе можел да придонесе во развојот на демократијата и приклучувањето на Југоисточна Европа во евроатлантските институции“. 
 
Пристигна и ставот од министерството за надворешни за одлуката на Димитров. 

„Мандатот на сегашниот Амбасадор во кралството Холандија истекува на крајот на март 2014. Во рамките на четиригодишниот период неговиот ангажман во Хаг беше ставен во функција на поставените цели и согласно капацитетите. Од минатата година прифати продолжување на професионалниот ангажман за што беше поднесено барање за акредитиција. Во меѓувреме се одлучил за друга работна понуда во Холандија во период додека ја извршува функцијата амбасадор во истата и согласно личните приоритети одлучува да ја прифати таа понуда. Ние ја почитуваме неговата одлука и му посакуваме личен успех на овој план. Република Македонија ќе продолжи со зголемен елан да ја унапредува соработката со Кралството Холандија”, соопшти за медиумите Никола Ѓорчев, од канцеларијата за односи со јавност на МНР.