Инвестициите во инфраструктурата отвораат нови работни места
Пред премиерите на Србија, Косово, Босна, Црна Гора, Албанија и Хрватска, Груевски ги образложи крупните инфраструктурни проекти во енергетиката, транспортот, клучни за Македонија...

Инвестициите во инфраструктурата треба да го забрзаат економскиот раст во регионот и да креираат нови работни места. Ова го порача премиерот Никола Груевски на конеренцијата на Европската банка за обнова и развој посветена токму на унапредување на регионалната соработка.
Пред премиерите на Србија, Косово, Босна, Црна Гора, Албанија и Хрватска, Груевски ги образложи крупните инфраструктурни проекти во енергетиката, транспортот, клучни за Македонија.
„Во Република Македонија започна изградбата на автопатот Кичево- Охрид и Скопје-Штип, со поволен кредит од Кина како важна отсечка на Коридорот 8. Веќе во март почнуваат градежните активности на реконструкција на железницата спрема Бугарија, финансирана меѓудругото и од ЕБРД“, истакна Груевски.
Заедничкото искористување на економскиот потенцијал на регионот и привлекувањето странски инвеститори е патот за економски раст на Западен Балкан но и до ЕУ, рече Груевски.
„Јасно е дека иднината на регионот е во Европската унија и дека меѓусебната соработка е неодминлив дел од тој процес. Членството на Македонија во ЕУ е наша стратешка цел. Од особено значење за Македонија е признавањето на статусот Пазарна економија, од страна на ЕУ, што ќе придонесе врз зголемување на економскиот раст и приливот на странски инвестиции“, нагласи Груевски.
ЕБРД останува најголем финансиски поддржувач на Македонија и регионот. Првиот човек на ЕБРД, Сума Чакрабарти вети поддршка за потенцијалните инфраструктурни проекти.
„ЕБРД е банка и ние немаше да инвестираме толку многу во овој регион, ако не бевме убедени во неговиот потенцијал. Но покрај овој значаен потенцијал за натамошен развој, за време на мојата посета исто така забележав и бројни т.н. тесни грла во инфраструктурата и во бизнис средината. Начините да се реши тој проблем беа меѓу главните теми на денешниот форум“, објасни Чакрабарти.
И во фокусот на Европската комисија е економски развој и отворање нови работни места, порача еврокомесарот Штефан Филе.
На конференцијата во Лондон инвестициските потенцијали на Македонија ќе ги презентираат вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и првиот човек на индустриските зони Виктор Мизо.
ЕБРД во регионот досега има инвестирано 10,5 милијарди евра најголем дел од овие пари се за инфраструктура, енергетика и финансискиот сектор. Во Македонија ЕБОр в изминатите години има вложено 2 милијарди евра.
Билјана Василева-Трендафилова, специјален известувач од Лондон за МРТ
