Проектот „Рурален лекар“ функционира
Според анализите во земјава 1.227 села се без лекар. Поентата на овој проект е државата да обезбеди лекар во определен ден во неделата кој ќе доаѓа точно во определено време и ќе дава здравствени совети и некои основни медицински прегледи...

Исмаил Усеиноски од крушевско Пресил доби основен лекарски преглед. Тој и 400 жители и уште 100 од соседно Милошево секој понеделник ќе имаат лекар. Ова е прв пат по неколку децении.
„Сега е многу убаво. Вака лекар треба да има секогаш“, вели Исмаил Усеиноски од крушевското село Пресил.
Училиштето во крушевското село Пресил е едно од 5-те пункта опфатени со проектот Рурален лекар. 12 крушевски села со 2.000 жители ќе добиваат лекарски преглед.
Лекар и медицинска сестра од крушевскиот здравствен дом пет дена во неделата се на терен.
„Интересот е добар. Луѓето се задоволни“, вели Драгица Колчакакоска, медицинска сестра.
„Ќе се покривааат со посета пет дена на наш лекар и медицинска сестра“, вели Коста Андрески, директор на „Здравствен Дом“ Крушево.
Пилот проектот „Рурален лекар“ функционира со задоволително темпо, констатира министерот за здравство Никола Тодоров.
„Според анализите во земјава 1.227 села се без лекар. Поентата на овој проект е државата да обезбеди лекар во определен ден во неделата кој ќе доаѓа точно во определено време и ќе дава здравствени совети и некои основни медицински прегледи. Сакаме да започнеме со овој проект официјално од први март. Дотогаш треба да поминат измените во Законот за здравствена заштита“, вели Никола Тодоров, министер за здравство.
Во тек е вработувањето на 70 лекари и медицински сестри на пунктовите во македонските села. Во помалите, ќе функционира петронажна служба. Тодоров денеска го посети и здравствениот дом во Демир Хисар. Таму во селата има 6 пункта.
Елизабета Митреска
