Пелистер привлечен и без снег

25.02.2014 11:43

Зимата без снег не дозволи скијачите да го испробаат новиот ски-лифт на Пелистер, но патеките на оваа најјужна алпска планина се привлечни за посетителите. Така беше и изминатиот викенд...

Изминатиот викенд Пелистер без снег. Но, посетителите сепак не се откажуваат од планината која подеднакво е привлечна во сите годишни времиња.

„Прекрасно е, иако нема снег. Би им препорачала на сите да дојдат барем на еден ден да видат што значи вистински воздух“, вели Љубица Василевска.

„Пелистер ме привлекува и во лето и во зима, но сепак во овој дел од годината не сме навикнати да го гледаме во вакво руво“, додава планинарот Ристо Даскалов.

И покрај временскиот хендикеп, од хотелот „Молика“ велат дека работат на граница на рентабилноста. Жалат што времето не дозволува, по цели 15 години љубителите на скијањето да го сефтосаат ревитализираниот ски-лифт.

Инвестицијата над 500 илјади денари со почетна станица на ски- центарот „Копанки“ ја подигна на над 1.800 метри надморска височина.

„Ја заменивме дотраената сајла , на сите столбови извршивме замена на макарите, тркалата и конзолите. Безбедноста е потврдена со добиениот А-тест сертификат“, вели Пеце Здравковски, раководител на ски-центарот „Копанки“.

Поврзувањето на жичарницата со ски-лифтот овозможува скијачка целина од близу еден и пол километар. Искусните скијачи велат дека не ќе мора веќе да се оди во другите зимско-рекреативни центри.

„Со оваа новина ќе се растовари метежот кај жичарницата. Дополнителните 600 метри се и нај убавиот дел од патеката, кои ќе придонесат да добиеме и на време и на квалитет“, вели Петар Нолев.

„Пораснав на ‘Копанки’ и знам што значи пошироко скијање, придобивката е голема“, вели Миле Димовски.

За идната година се работи на линијата за вештачки снег, а е најавено и реновирање на хотелот „Молика“.

Ваквите новини се на општо задоволство и кај туристите. Но, за да биде туристичката понуда комплетна, неопходно е да започне ревитализација на свлечиштето и обновување на опожарениот дом „Копанки“.

 

Стевче Митревски