Висока делегација на НАТО во посета на Македонија

25.02.2014 14:03

Во дискусиите било истакнато дека Македонија како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, уште еднаш ја потврдува својата политичка посветеност за продолжување на учеството во мировните мисии по 2014 -та...

Работната посета на Високата делегација на НАТО, предводена од официрите Франк Боланд и Гордон Дрејк, е во рамки на зацврстување на билатералната соработка меѓу Македонија и НАТО, како и редовната евалуација на постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на Македонија и новиот пакет Партнерски цели 2014, кои Македонија како аспирант за полноправно членство во Алијансата ги добива  секои две години.

Во регионалниот центар за односи со јавност во Касарната Гоце Делчев, тимот на експерти предводен од Државниот секретар Сашо Стефаноски заедно со претставници и експерти од Армијата на Република Македонија, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за финансии, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување како и одбранбените аташеа на земјите членки на НАТО акредитирани во Република Македонија ја информирале Високата делегација на НАТО за посветеноста  за континуиран и долготраен придонес во меѓународните мисии и операции, за напредокот во тековната трансформација на Армијата, за развојот на распоредливите способности, за предизвиците во опремувањето и модернизацијата на Армијата, за регионалната одбранбена соработка во рамките на регионалните форуми за соработка, за буџетот во одбраната како и за расположливите капацитети на АРМ кои можат да одговорат на НАТО потребите и стандардите.

Во дискусиите било истакнато дека  Македонија како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, уште еднаш ја потврдува својата политичка посветеност за продолжување на учеството во мировните мисии по 2014 -та како и својата подготвеност да биде дел од пост ИСАФ мисијата во Авганистан - „Одлучна поддршка" со сите свои национални капацитети и способности а согласно потребите и барањата на НАТО Алијансата. Покрај ова во разговорите со Високата делегација на НАТО, била поздравена Одлуката на Владата на Република Македонија за усвојување на ажурираниот Долгорочен план за развој на одбраната на Република Македонија 2014 - 2023 со кој нашата земја останува силно посветена во планирањето и имплементирањето на одбранбените реформи.

Од страна на претставникот на НАТО тимот Гордон Дрејк, било поздравено одржувањето и унапредувањето на интероперативноста на Република Македонија во имплементацијата на партнерските цели 2012 како и трансформацијата на Армијата и нејзината пополнетост со 90 проценти персонал и развојот на распоредливите капацитети и способности, ставајќи акцент на целосната професионализација на истата.