До сега 799 лица од дијаспората побарале да гласаат
Дијаспората има рок до 7 март да испрати барања до ДИК за гласачите да бидат впишани во посебниот избирачки список со што би го оствариле своето право на глас...

Седумстотини деведесет и девет граѓани од сите три изборни единици од дијаспората до сега се пријавиле во Државната изборна комисија (ДИК) за да го остварат своето гласачко право на претседателските избори во април. Од Државната изборна комисија велат дека досега најмногу апликации стасале од Европа, каде за гласање се пријавиле 458 граѓани, најмалку се пријавиле во Австралија само 100, а од САД барање за впишување во посебниот избирачки список испратиле 241 граѓанин.
Дијаспората има рок до 7 март да испрати барања до ДИК за гласачите да бидат впишани во посебниот избирачки список со што би го оствариле своето право на глас. Таа ќе гласа на 12 март, еден еден пред претседателските избори. На посебниот список означен со ѕвездичка во моментов се наоѓаат 68.000 наши граѓани, кои повеќе од три месеци се надвор од Република Македонија.
Сите оние што ќе сакаат да го остварат своето право во местата каде што Македонија има конзуларни претставништва, со пополнета апликација ќе треба да покажат валиден биометриски пасош, дозвола за престој во земјата и дозвола за работа. По пријавувањето, односно после 7 март Државната изборна комисија ќе ја провери валидноста на пристигнатите апликации и само оние граѓани кои ќе ги исполнат законските услови ќе бидат впишани во посебен избирачки список и ќе имаат право да гласаат.
