Се зголемува регионалната соработка за борба против трговијата со оружје
206 кривични дела за недозволена трговија со оружје, за 237-мина кривични пријави – ова е билансот од лани кој покажува дека речиси секој втор ден полицијата открива ново криминално дело...

Претставници на полициите од Западен Балкан и ЕУ на заедничка маса дискутираат за справување со нелегалната трговија со оружје
206 кривични дела за недозволена трговија со оружје, за 237-мина кривични пријави – ова е билансот од лани кој покажува дека речиси секој втор ден полицијата открива ново криминално дело. Одземени се 185 парчиња оружје. Експертски тимови од Балканот во Скопје дебатираа како да се намали овој криминал.
„За криминалците не постојат граници, не постојат визи, ниту правила. Добро е државите со адекватен одговор, на ваков начин, организирани да застанат наспроти нивната организација“, рече јавниот обвинител на РМ, Марко Зврлевси.
Балканот е подрачје од каде што потекнува нелегалното оружје. Голем дел и останува.
„Лично сум убедена дека оваа иницијатива брзо ќе се операционализира и конкретизира во заедничка форма на дејствување која ќе донесе уште подобри резултати во напорите оружјето целосно да се стави под институционална контрола“, нагласи министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Размената на информации е клучниот фактор заеднички да се одговори на овој предизвик. На македонската иницијатива се приклучи и данската полиција. Заедно работат веќе една година.
„Согледана е потребата да се зајакне регионалната соработка на полето на борбата против недозволената трговија со оружје и да се подигнат свеста и знаењето во релевантните институции за борба против овој вид криминал“, порача директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков.
„Благодарение на сите присутни овде и на сите учесници во работилниците, ангажираноста постигна одлични резултати во поглед на зајакнување на соработката преку дискусии и учење едни од други во нашата заедничката борба во однос на огненото оружје“, рече директорот на данската полиција, Оле Дрост.
Во земјава е кон крај проектот за електронска евиденција на оружјето кај сите регистрирани произведувачи и продавачи. Ќе се знае точно и кој и од каде го купува.
Наташа Гркова-Петрушевска
