Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ најдобар во Македонија

25.02.2014 16:09

Рангирањето го спроведе центарот за светска класа универзитети при Шангајскиот Џиао Тонг...

Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје по вторпат е водечки во Македонија, објави Центарот за светска класа универзитети при шангајскиот Џиао Тонг. По него се универзитетите „Гоце Делчев“ од Штип и Штуловиот од Тетово. Резултатите кај некои високообразовни институции се подобри од пред две години.  Приватните се уште се зад државните.

„Научноистражувачката работа и инвестирањето во научноистражувачката дејност на приватните универзитети се уште заостануваат зад јавните универзитети. Во иднина од нив се очекува поголем придонес во поглед на публикувањето на научно – истражувачките резултати“, рече Министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Некои универзитети давале неточни  податоци да се искачат место погоре на  листата. Обидот  бил откриен од надлежните. 

„Имавме ситуација каде определена високообразовна установа пријави дека има поголем број на студенти во прва година отколку што има вкупно во високообразовната установа. Незнам по која логика се водела оваа институција“ рече Ристовски.

На дното на ранг-листата се најдоа Бизнис-академијата Смилевски, Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА и Евробалкан од Скопје.

Рангирањето се спроведува втора година. Беа опфатени 20 универзитети од Македонија.


Викторија Тодоровска