Македонија има поддршка од британските политичари

25.02.2014 16:37

Кралството сака да биде партнер на земјава за понатамошен напредок - ова произлезе од низата средби кои македонската делегација предводена од премиерот Груевски ги имаше во Лондон со британскиот естаблишмент...

На патот до членство во Европската унија, Македонија има поддршка од британските политичари. Кралството сака да биде партнер на земјава за понатамошен напредок - ова произлезе од низата средби кои македонската делегација предводена од премиерот Груевски ги имаше во Лондон со британскиот естаблишмент.

„Вистинско задоволство беше да се запознае вашиот премиер, а имав навистина стресен ден во Лондон. Со нетрпение го очекуваме процесот на европските преговори и да и посакаме добредојде на Македонија како партнер во иднина“, рече лорд Босвел, претседател на Европскиот комитет и на Домот на лордовите.

Од Лондон е најавена посета на парламентарна делегација на земјава, која треба да се реализира по претседателските избори.

„Македонија и е голем пријател на Велика Британија и навистина ми е задоволство што сум претседател на вашата парламентарна група. Ќе ја посетам Македонија во јуни, по изборите за нов претседател да видам што се случува со моите колеги“, истакна  Карен Ламли, парламентарка и претседателка на парламентарната група за соработка на ОК во Македонија.

Премиерот  Никола Груевски ги информирал британските поддржувачи на земјава за спроведените реформи и идните чекори за побрзо интегрирање во Европската унија.

Важно е да се има контакти со овие луѓе, важно е да се одржуваат контактите, бидејќи кога е најпотребно, тие се тука да помогнат, да потсетат нешто за нашата држава – рече премиерот Груевски.

За интезивирање на соработката, премиерот Груевски разговараше и со шефот на британската дипломатија Вилијам Хејг.