Агенција за млади и спорт доби сертификат за ИСО стандард
Агенцијата за млади и спорт доби сертификат за ИСО 9001:2008 стандардот во своето работење, со што ќе се придонесе за значително подобрување на ефикасноста во управувањето со внатрешните процеси и испораката на услуги кон крајните корисници.

Сертификацијата, како што соопшти Агенцијата, ја извршила сертификациската куќа ТУВ Австрија. Овој стандард е дел од ИСО 9000 групата на стандарди, кои се однесуваат на имплементација на најдобри практики во управувањето со квалитет во една организација.
Имплементацијата на стандардот, Агенцијата го почнала лани и на почетокот од оваа година системот бил ставен во функција со стандардизираните процедури, кои вработените треба да ги применуваат во секојдневното работење.
- Имплементираните ИСО процеси и процедури опфатија голем опсег од работењето на Агенцијата, вклучувајќи ги областите на стратешко и тековно планирање, реализирање на внатрешните процеси во работењето на институциајта, услугите кои институцијата ги дава на своите корисници и следење и подобрување на работењето, се вели во соопштението од Агенцијата.
Сертифицирањето е дел од постојаните напори за реформа на јавната администрација и подобрување на нејзината ефикасност и ефективност. ИСО 9000 групата стандарди претставува меѓународен консензус на добри практики за правилно управување со квалитет. Тој се содржи од стандарди и прирачници во врска со системите за управување со квалитет и соодветните стандарди за поддршка. Определбата за сертификација на систем за управување со квалитет согласно ИСО 9001 од страна на акредитирано сертифицирано тело ја покажува посветеноста на секоја организација кон квалитетот, корисниците и клиентите.
