10 години без Трајковски
Македонија загуби голем државник, визионер со евроатланска стратегија, а регионот загуби миротвиорец посветен на дијалогот...

Претседателот Борис Трајковски го вложи сиот свој авторитет на ценет државник и политичар, за да му понуди на регионот еден нов светоглед на дијалог како предуслов за градење доверба и задништво меѓу луѓето, државите и народите, рече во оваа прилика претседателот Ѓорѓе Иванов.
Последнот документ на кој претседателот Борис Трајковски го стави потписот беше Апликацијата на Република Македонија за членство во Европската унија.
„Денес, 10 години подоцна сеуште чекаме да се исполни визијата на Борис Трајковски за европска Република Македонија. Уверен сум дека неговиот сон и сонот на секој македонски граѓанин како полноправна членка на Европската унија и на НАТО ќе биде остварен“, рече претседателот Иванов во својот говор на комеморацијата по повод 10 годишнината од трагичното загинување на македонскиот претседател Борис Трајковски во Ротимље кај Мостар.
Претседателот Борис Трајковски веруваше дека трајниот мир, стабилноста и просперитетот на нашите земји е во склоп со земјите од европското семејство, истакна во своето обраќање претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ.
„За болката која неговото семејство ја чувствувс веќе 10 години за жал не можеме да понудиме утеха, но затоа можеме да го понудиме нашето сочувство и надеж дека неговото семејство ќе дојде до вистината и ќе го добие заслужениот мир во своите души. Босна и Херцеговина овде го загуби големиот пријател, а регионот- голем лидер“, рече Комшиќ.
Падот на владиниот Кингер остана неодгатната мистерија за жителите на Ротимље.
„Тоа утро ја видов колоната на СФОР како доаѓа одоздола. Што се случило потоа не знам, дали отишле горе кадешто се случи несреќата, или не, еден повозрасен сосед, мој роднина видел таму човек, видел нешто, ја видел колоната на СФОР“, вели жител на Ротимље.
Македонија побара да се спроведе втората истрага.
„Да се надеваме дека овој извештај ќе ги расветли сите околности и ќе ја имаме вистинската претстава за оваа трагедија што се случи“, изјави претседателот Иванов.
Случајот беше повторно отворен, бидејќи првиот не ги задоволи сите барања и сите елементи не биле содржани во него.
За разлика од кобниот 26 февруари 2004-та година, денеска сончево над Ротимље кај Мостар. Дали ова ќе биде најава за вистинското откривање на несреќата, останува да се види од извештајот на Омер Кулиќ.
Фиљана Кока, специјален известувач за МРТ од Мостар
