Можности за младите да најдат работа во Тетово

26.02.2014 14:42

Претставници на Агенцијата за вработување, министерството за труд и социјална политика и УНДП во Тетово организираа претставување на мерките за вработување на младите до 29 години.

Приказната на Ќание Селими е еден од многуте успешни примери. Таа преку проектот за самовработување го отвори центарот за едукација и развој на децата од предучилишна возраст. Работи неполна година и веќе има триесетина деца.

„Добив грант во 2013 година. Идејата на проектот беше развивање на децата од предучилишна возраст. Имав голема подршка за проектот од УНДП. Апелирам младите да аплицираат за да ја развијат својата идеја, преку проектот за самовработување. За мене ова беше голем успех,“, изјави Ќание Селими.

Денеска сите млади и невработени имаа можност да се запознаат со сите проекти за вработување кои ги нуди тетовската агенција. Надлежните советуваа сите активно да се вклучат во процесот на барање работа и истакнаа дека самовработувањето од 2007 година сеуште е најбараната мерка.

„Ги мотивираме младите да бараат работа. Преку овие мерки имаат поминато преку 50 до 60 илјади луѓе од 2007 година наваму. Имаме достигнато околу 30 илјади вработувања“, вели Горан Велевски – Министерство за труд и социјала.

„Ќе биде претставена новата веб страна на Агенцијата за вработување, новата страна подобрена и проширена и новата веб страна prv.mk за јавни огласи во јавниот сектор“, рече Томислав Трифуновски – Раководител на Агенција за вработување Тетово.

Само изминатава година во Тетово 71 лице отвориле фирма и работата преку проектот за самовработување.

Центарот за едукација и развој на деца „Рера“ е само еден пример за успех, но ги охрабрува другите да покажат интерес и доколку имаат волја да почнат да ги реализираат своите идеи.

 Новинар: Зоран Јованоски

 Снимател: Даниел Евросимоски