Расте бројот на поплаки за безбедноста на храната
За една недела 10-мина граѓани се јавиле во Агенцијата за храна и ветеринарство на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22.

Двајца се пожалиле дека не се применува ХАСАП системот во месарниците, а останатите за несоодветни декларации. Оние што ги анкетиравме велат дека често се случува да купат храна со изминат рок, но се згрозуваат и од вакви работи.
„Се случувало повеќе пати да најдеме дрвце, влакно или производот да е со поминат рок...Се случувало во оризот да најдам каменчиња, а понекогаш може да се најде нешто и во лебот...Кога ми се случувало порано, сум го враќала производот и ми го враќале во продавницата...Тие што продаваат треба да внимаваат, во прашање се мали деца...Можеме да ги отруеме...“, велат анкетираните граѓани.
Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека се зголемува бројот на поплаките. Лани биле поднесени 280 претставки, речиси двојно повеќе од претходната година. 70 проценти од нив се покажале основани.
„Изречени се 70 решенија, спроведени се околу 200 едукации, поднесени се 8 прекршочни пријави. При сите овие акции се уништени над 10 тони храна“, вели Дејан Рунтевски, директор на Aгенцијата за храна и ветеринарство.
Освен за недостатоците во храната што се купува во продавниците и на пазарите, граѓаните поднесуваат претставки за одредени ресторани поради сомнение дека се служи расипана храна.
Андријана Атанасовска
