Акцелератор за штипската Клиничка болница за зрачаење на болните од рак
Денеска беше поставен камен-темелник за изградба на бункер во кој ќе биде сместен нов акцелератор. Станува збор за инвестиција вредна околу 860.000 евра. Пациентите болни од рак од источна Македонија ќе се зрачат во Клиничката болница во Штип.

Денеска беше поставен камен-темелник за изградба на бункер во кој ќе биде сместен нов акцелератор. Станува збор за инвестиција вредна околу 860.000 евра. Пациентите болни од рак од источна Македонија ќе се зрачат во Клиничката болница во Штип.
- Во рамките на Клиничката болница во Штип, минатата година се дијагностицирани над 1.300 пациенти со малигни заболувања, од кои околу 1.000 се дијагностицирани преку компјутерскиот томограф кој е во функција, а околу 300 дијагнози се на магнетната резонанца, којашто исто така е инсталирана и веќе е во функција, рече министерот за здравство Никола Тодоров.
Потребна им е терапија со зрачење на новиот акцелератор, а во моментов ја добиваат на Клиничкиот центар во Скопје.
- Идејата е на најтешко болните лица да им се овозможи терапијата да ја добиваат во местото на живеење или во близина на местото на живеење. Во Штип е Клиничката болница и практично кон оваа болница гравитира населението од целиот исток, вели Тодоров.
Потенцира дека акцелераторот веќе е набавен и Министерството за здравство има склучено договор за него.Ќе биде доставен по изградбата на бункерот во рок од четири месеци, по што ќе следува калибрирање и други активности за негово монтирање.
- Ова значи дека очекувам наредната година во ова време или во почетокот на наредната година да почнеме и со првите интервенции и со нормално и редовно функционирање на акцелераторот. Очекувам дека со оваа вредна инвестиција ќе се подигнат и квалитетот и стандардите на здравствените услуги и ќе им се помогне на луѓето кои се во најтешка здравствена состојба, нагласи Тодоров.
Градоначалникот на Општина Штип Илчо Захариев истакна дека по старот на изградбата на автопатот Штип-Миладиновци, денеска источна Македонија има и уште една вредна инвестиција во областа на здравството, наменета за најтешко болните лица.
Директорот на Клиничката болница-Штип Александар Стојановски рече дека со новиот линеарен акцелератор и новата апаратура ќе се подигне нивото на давање здравствени услуги за пациентите со малигни заболувања.
Соња Стојановска
