ДУИ условува: или консензуален кандидат или предвремени избори!
Доколку концептот за консензуален претседател не се прифати, ќе побараме предвремени избори. Очекувме утре на вонредна седница, претседателството на ДУИ да ја потврди одлуката, изјави денеска портпаролот Бујар Османи...

Доколку нема договор за консензуален кандидат, тогаш ќе биде потребна нова политичка платформа, што треба да добие изборен легитимитет. ДУИ, изјави портпаролот Бујар Османи, ќе ги повика етничките албанци да ги бојкотираат пртседателските избори и ќе побара предвремени парламентарни избори.
„Доколку концептот за консензуален претседател не се прифати, ќе побараме предвремени избори. Очекувме утре на вонредна седница, претседателството на ДУИ да ја потврди одлуката“, изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ.
Стратегијата на ДПА е поинаква. Промовиран поранешниот потпретседател на собранието, Илјаз Халими, за претседателски кандидат, засега единствен од политичкиот блок на етничките албанци. Ова, според Тачи, создава реална основа Халими да влезе во вториот изборен круг за претседателските избори.
„Во вториот круг треба најмалку 40% да гласаат. Позицијата на албанците во изминативе 20 години никогаш не била посилна“, рече Мендух Тачи, претседател на ДПА.
Кај СДСМ, засега познато само дека изборот за претседателската номинација е на 4-ти март. Во ВМРО-ДПМНЕ јавниот повик завршува вечерва и досега има тројца пријавени кандидати. Кој ќе биде фавоворитот ќе се знае по конвенцијата на 1-ви март.
Единствен официјален кандидат засега останува само универзитетскиот професор Зоран Поповски на ГРОМ. Ангелов и Ванковска сеуште ги собираат неопходните 10.000 потписи. Рокот е до 2-ри март.
Виолета Димовска
