Во Куманово масовно се гради

27.02.2014 11:51

Граѓаните на Куманово побараа Советот на Општината да ја разгледа масовната изградба на колективни станбени згради.

Од оддлението за урбанизам информираа дека сите објекти биле законски изградени и додаваат дека при изготвувањето на новиот Генерален урбанистички план ќе биде предвидено во која насока ќе се врши проширувањето на градот.  

Да се промени урбаната политика во Куманово во однос на изградба на станбени објекти особено во центарот на градот, каде секојдневно никнува по една зграда, порачуваат кумановци. Граѓаните најмногу се револтирани затоа што новите згради немаат соодветен паркинг простор, а дел од нив зафаќаат делови од тротоари и пешачки зони.

-Нема веќе каде да се движиме , со изградбата на згради се стеснуваат улиците. Градот не може да дише, секаде се проширува центарот кај нас се стеснува –изјави граѓанин на Куманово.

-Живеам кај Гимназијата и тука околу нас многу се изгради. Кога доаѓа ќерка ми на гости, нема каде да се паркира- додава друг граѓанин.

Прашањето за урбаниот хаос се најде и на последната седница на Советот. Од таму побараа да се разгледаат објектите кои отстапуваат од предвидениот габарит, односно имаат поголем број станови од предвиденото.

-„Сметаме дека треба да има поголема контрола при што евентуалните злоупотреби ќе се санкционираат.Планираните паркиралишта во склоп на една градежна парцела кои се избегнуваат да се градат, да се најде механизм со кој истите ќе бидат изградени согласно плановите што се доставени до Општината,“ вели Максим Димитриевски , Претседател на Совет на Општина Куманово.

Од секторот за убанизам информираат дека наскоро треба да се донесе Генералниот урбанистички план кој ќе го предвиди проширувањето на градот и ќе даде решение во кои населби ќе може д се подигаат колективни станбени објекти.

Програмата за урбанистичко планирање на град Куманово за 2014 е донесена од страна на Совеот и изнесува 27 милиони денари.

 

Новинар- Габриела Димковиќ

Камера и монтажа –Предраг Велиновски