„Домашна визита“ за 70 илјади граѓани до крајот на годинава

27.02.2014 13:57

Патронажата ќе посети 70 илјади постари хронично болни лица до крајот на годинава.Освен прегледи на шеќерот и притисокот ќе се помага за тешки скелетно мускулни заболувања.

По позитивните ефекти кај 16 000 прегледани пациенти од патронажните служби од ноември досега, Министерството за здравство ќе ја проширува превентивната заштита со посета на 70 илјади пациенти со претходна најава.Овој пат, освен со срцево-садови заболувања и шеќерна болест, ќе опфати  и  тешко подвижни лица постари од 60 години со скелетно мускулни деформации.

,,Со тешки лумбоишијалгии или народски кажано ишијаси, меѓутоа оние потешки случаи, тешки артрози кога луѓето одат со помагало или со бастун или патерици кои во поголем дел од годината се неподвижни и не можат често да посетуваат лекар“-вели прим.д-р Јованка Костовска од Секторот за превентивна заштита во Министерството за здравство.

Проширувањето на патронажата на постарите лица е резултат на позитивните ефекти.Биле откриени повеќе нови заболени кои не знаеле дека имаат висок притисок или шеќер. Испратени се на понатамошно лекување.

,,Ова е значајно затоа што недетектирањето на овие заболувања потоа се врзани за многу тешкотии за пациентите, но и со многу трошоци во системот.Ова е ставање силен акцент на превенцијата, која што пак е многу значајна за подобрување на севкупната состојба во здравството во државата“-рече министерот за здравство Никола Тодоров.

За оваа програма се предвидени три и пол милиони денари. 350 тимови ќе вршат патронажни посети, во просек по 400 дневно, во целата држава. Основните информации кој ќе биде посетен е базата на ,,мој термин“ каде што се гледа кој колку пати бил на лекар, какви прегледи му се извршени и какви лекови му се препишани.

Соња Стојановска