Стево Пендаровски претседателски кандидат на СДСМ

27.02.2014 14:32

Извршниот Одбор на опозицискиот СДСМ на попладневната седница закажана за 17 часот, ќе го предложи Стево Пендаровски за свој единствен кандидат на претстојните претседателски избори, потврдија за МТВ партиски извори.

За номинацијата на универзитетскиот професор Пендаровски се очекува во вторник прво да се изјасни Централниот одбор, а потоа и партискиот конгрес. Според извори во партијата, нема дилема дека номинацијата ќе биде потврдена, бидејќи за Пендаровски имало најмногу предлози од општинските организации на опозицискиот СДСМ.

Пендаровски, кој уште пред распишувањето на претседателските избори се спомнуваше како еден од најсериозните кандидати за номинација во претседателската трка,  е професор на Универзитетот „Американ колеџ“. Претходно беше советник за национална безбедност на двајца поранешни претседатели - Борис Трајковски и Бранко Црвенковски.