Џафери: Докажавме дека сме сигурен партнер на Алијансата

27.02.2014 15:55

Dокажавме дека сме сигурен партнер на Алијансата и дека сме целосно посветени на евроатлантската интеграција и на унапредувањето на стандардите на НАТО, истакна министерот за одбрана Талат Џафери, кој присуствува на Состанокот на северноатлантскиот совет (NAC) во ИСАФ формат ...

Со долгогодишниот придонес во меѓународните мисии, особено во мисиите предводени од НАТО, ние докажавме дека сме сигурен партнер на Алијансата и дека сме целосно посветени на евроатлантската интеграција и на унапредувањето на стандардите на НАТО, истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Талат Џафери, кој заедно со делегација од Министерството, денес присуствува на Состанокот на северноатлантскиот совет (NAC) во ИСАФ формат во седиштето на Алијансата во Брисел.

На состанокот, министерот Џафери се осврна и на фактот дека Република Македонија активно се вклучи во планирачкиот процес на силите и опремата со кои ќе може да придонесе во операцијата на Алијансата во Авганистан по 2014 година, наречена „Одлучна поддршка“, укажувајќи на тоа дека Армијата на Република Македонија располага со експерти за обука и советување во повеќе области, меѓу кои и воената полиција, врските и слично.

Дополнително на состанок на министрите за одбрана на земјите од групата А-5, кој се одржа на маргините на денешната NAC средба во Брисел, стана збор и за понатамошниот развој на соработката во регионот на Југоисточна Европа, како и за можностите за заеднички придонес на земјите од САД-Јадранската повелба, во новата мисија на Алијансата во Авганистан по 2014 година.

Република Македонија, рече министерот на состанокот, посвети посебно внимание на понатамошниот развој и унапредување на регионалната соработка, на добрососедските односи, засновани на принципите на взаеммна доверба и почитување. Во таа прилика, како проекти кои се пример за успешна регионална соработка, министерот Џафери го спомена Регионалниот центар за односи со јавноста, кој стана дел од мрежата на НАТО-Партнерски центри за обука и образование.

Воедно, спомената беше и мултинационалната иницијатива за Балкански регионален пристап кон противвоздушната обрана (БРААД) како значаен проект во духот на концептот „паметна одбрана“. Во контекст на проектот БРААД, на крајот на јануари оваа година, во рамки на посетата на министерот Џафери на Република Хрватска, двајцата министри за одбрана го потпишаа и договорот за изработка на Предаквизициска студија за набавка на современи тридимензионални радарски системи, што претставува чекор напред кон реализација на проектот.

Министерот Џафери, на состанокот на министрите за одбрана на земјите од САД-Јадранската повелба посочи дека Република Македонија е отворена за поддршка на останатите земји од регионот во споделување на искуството и на научените лекции од долгогодишното учество во мисиите во поддршка на мирот и демократијата во светски рамки.