Попоски-Лајчак: Да се зголеми економската соработка меѓу Македонија и Словачка

27.02.2014 17:14

Во рамки на посетата беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Словачката Република со што се отвора можност за засилена соработка...

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денес оствари еднодневна официјална посета на Словачката Република, на покана на словачкиот заменик премиер и министер за надворешни и европски работи,
Мирослав Лајчак.
 
Посетата на министерот Попоски на Словачка кореспондира со одбележувањето на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Словачката Републикa- период во кој континуирано се негува пријателска и партнерска соработка, стабилен политички дијалог и силни културни врски.
 
Во оваа насока, министрите Попоски и Лајчак се осврнаа на можностите за натамошно унапредување на односите и соработката меѓу Македонија и Словачка со посебен фокус на економската соработка. Се разговараше и за перспективите на 
Република Македонија за членство во Европската Унија и НАТО како и за состојбите во Регионот а разменија и мислења за најважните меѓународни  прашања.
 
Во рамки на посетата беше потпишан и Меморандум за соработка меѓу министерствата за надворешни работи на Република Македонија и Словачката Република со што се отвора можност за засилена соработка.
 
Министерот Никола Попоски оствaри средби и со претседателите на комисиите за надворешни работи и за европски прашања, Франтишек Шебеј и Лубош Блаха во Словачкиот Парламент.