Искрени билатерални односи меѓу Македонија и Чешка

27.02.2014 17:43

Земан најави поддршка за Македонија, но и продлабочување на економската соработка и инвестирање во земјава. Енергетиката е приоритет...

Чешка ја поддржува Македонија во евроинтеграциите, но овие одлуки се носат со консензус и една членка може да блокира - изјави чешкиот претседател  Милош Земан на денешната средба со македонскиот претседател Ѓорге Иванов во Прага.  Според шефот на македонската држава, ставот на Чешка за користење на нашето уставно име е од големо значење бидејќи станува збор за искрени билатерални односи.

Тој побара од домаќинот да лобира да се почитува Хашката пресуда, а паралелно да одат решавањето на проблемот со името и почетокот на преговорите за членство во Унијата.

Земан најави поддршка за Македонија, но и продлабочување на економската соработка и инвестирање во земјава. Енергетиката е приоритет.

„Чешка е многу заинтересирана да инвестира во Македонија. Ние веќе имаме инвеститори во мали хидроцентрали, но сакаме да се подобри соработката во областа на енергетиката, рударството и да градиме трамвајска линија во Скопје“, рече Заман на заедничката прес-конференција изјави чешкиот претседател.

„Последната порака на самитот во Чикаго беше дека вратите се отворени и дека тоа е последниот самит без проширување. Веројатно членките на НАТО ќе си ги почитуваат сопствените одлуки.Се што е до нас ние сме го исполниле.Останува прашањето за името, тука треба да сме реални и реално да ја согледаме состојбата“, рече македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов.

Претседателот Иванов најави дека првиот човек на Чешка ќе го добие највисокото државно признание - Орденот „8 Септември“  за развој на добрите односи меѓу двете земји и за континуиранатa поддршка. Попладнево претседателот Иванов во придружба на прашкиот кардинал Доминик Дука ќе ја посети катедралата Свети Вит. Потоа ќе има работна вечера со премиерот  Бохуслав Соботка.

 

Марија Петковска