Почна расплетот за украдените артефакти од Музејот на Македонија
Полицијата уапси 8-мина, меѓу кои актуелниот и екс директорот на Музејот и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман. Со групата раководел златар од Скопје...

По 4-месечна истрага почна расплетот за украдените артефакти од Музејот на Македонија. Полицијата уапси 8-мина, меѓу кои актуелниот и екс директорот на Музејот и поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман. Со групата раководел златар од Скопје. Се товарат за 4 кривични дела. Кај приведените се пронајдени голем број артефакти, монети, икони, маска, прстени и други археолошки предмети.
„Од досега направените претреси пронајдени се поголем број на предмети, кој е можно да потекнуваат од пријавената кражба во Музејот, но и предмети кои воопшто не се евидентирани при претходното пријавеното кривично дело, така што сите предмети што ќе бидат пронајдени ќе бидат предмет на дополнително вештачење за да се утврде дали станува збор за оригинали или некакви копии“, вели Иво Котевски помошник-министер за односи со јавноста во МВР.
Полицијата го сомничи златарот дека изработувал копии од оригиналите и незаконски ги откупувал монетите.
Истрагата довела до тоа и дека членовите на Комисијата за откуп на музејски материјал вршеле незаконски откуп на монети и го оштетиле буџетот за 40 илјади евра. Екс-директорот на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман е осомничен дека во неколку наврати подигнал предмети од Националниот музеј- Охрид со реверс, но не ги вратил сите.
На потег е сега основното јавно обвинителство, кое ќе одлучи дали од судијата од претходна постапка ќе побара изрекување мерка притвор за приведените.
Наташа Гркова-Петрушевска
