30 дневен притвор за приведените за кражбата на артефакти
Приведените се сегашни и поранешни вработени во Музејот, кои во повеќе наврати успеале да украдат 166 артефакти и предмети со непроценлива вредност, соопштија од Министерството за внатрешни работи...

По 30 дена притвор добија седумте лица кои беа уапсени вчера под сомнение дека ги украле вредните артефакти од Музејот на Македонија. Приведените се сегашни и поранешни вработени во Музејот, кои во повеќе наврати успеале да украдат 166 артефакти и предмети со непроценлива вредност, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
На осмиот осомничен, поранешниот директор на Дирекцијата за заштита на културно наследство Паско Кузман не му е одредена мерка притвор, затоа што веќе е во куќен притвор, за случајот „Фаланга“.
Тоа не значи, нагласуваат од Јавното обвинителство, дека против него нема да се води истражна постапка. И во неговиот дом вчера бил извршен претрес за случајот со кражбата во Музејот на Македонија.
Како што информира министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска на денешната заедничка прес - конференција со обвинителката Гордана Гешковска од Основно јавно обвинителство - Скопје, според досега документираните сознанија кражбата на предметите се случила во периодот од 2011 до 2013 година.
