Одбележан денот на армиските „Волци“ и „Ренџери“

28.02.2014 15:48

Високиот рејтинг и почитта која ја уживаат припадниците на полкот е стекната со несебично залагање и упорност, прикажувајќи дека тие се дел од народот и дека се секогаш подготвени да помагаат во тешки моменти...

Припадниците на Полкот за специјални операции (пСО) денеска во скопската касарна „Илинден“ со свеченост го одбележаа нивниот јубилеј „20 години сили за специјални операции“.

„Јубилеите се паметник за нашите успеси и дела, тие се нераскинлив дел од нашата историја, но и поттик за развој на Армијата како столб на одбранбениот систем на Република Македонија. Вам ви припадна честа, но и обврската да продолжите по патот на успехот по кој чекореа генерации ваши колеги во изминативе дваесет години“, им порача началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија, генерал-потполковник Горанчо Котески, на припадниците на Полкот за специјални операции.
 
Во таа насока, генералот Котески посочи дека високиот рејтинг и почитта која ја уживаат припадниците на полкот е стекната со несебично залагање и упорност, прикажувајќи дека тие се дел од народот и дека се секогаш подготвени да помагаат во тешки моменти. Воедно, НГШ се осврна и на исклучителните резултати кои македонските „Волци“ и „Ренџери“ ги прикажаа во петиполгодишното учество во мисијата „Слобода за Ирак“, како и во рамките на наменските сили „Феникс“ во мисијата ИСАФ, Авганистан. Овој дел од историјата на полкот за специјални операции, рече генералот Котески, е овековечен со голем број одликувања и признанија добиени од страна на нашите партнери, но и од НАТО-алијансата.
 
Државниот секретар во Министерството за одбрама, Сашо Стефаноски, честитајќи им го големиот јубилеј на припадниците на полкот, се осврна и на стратегиските определби  и приоритети на Република Македонија и придонесот на полкот кон нивно остварување.
 
„Република Македонија својата иднина ја гледа интегрирана во двете евро-атланстки организации, НАТО и ЕУ. Нашата земја останува целосно подготвена за преземање на одговорностите и обврските кои ќе произлезат од идното членство и во НАТО и во ЕУ, вклучително и долгорочниот придонес во регионалната и евро-атлантската безбедност и стабилност“, истакна државниот секретар Стефаноски.