ФЕИТ доби инспекциско тело за електротехнички уреди
Факултетот за електротехника и информациски технологии акредитираше Инспекциско тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема и се здоби со стандард за квалитет ISO 9001:2008 со што се стреми кон континуирано унапредување на сопственото работење во областа на едукацијата, научно-истражувачката дејност и соработката со стопанството.

Факултетот за електротехника и информациски технологии акредитираше Инспекциско тело за електротехнички уреди, инсталации и опрема и се здоби со стандард за квалитет ISO 9001:2008 со што се стреми кон континуирано унапредување на сопственото работење во областа на едукацијата, научно-истражувачката дејност и соработката со стопанството.
„ФЕИТ го заврши процесот на акредитација на Инспекциското тело и се здоби со сертификат од страна на Институтот за акредитација на Република Македонија. Овој сертификат се однесува за инспекција на сите видови високонапонска опрема, како што се трансформатори, генератори и мотори, нисконапонски инсталации, громобрански инсталации и зазејмување, потоа на разна електронска опрема, телекомуникации и сите типови на фискални апарати“, вели деканот на ФЕИТ, проф. д-р Миле Станковски.
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, кој денеска го посети ФЕИТ, апелира сите факултети да го следат овој пример и што побрзо да го заокружат процесот на акредитација на доделените лаборатории преку владиниот проект со што би помогналe и во побрзо исполнување на втората цел на проектот – комерцијализација на овие лаборатории, односно нивно ставање во функција на бизнис заедницата и на стопанството.
Овие лаборатории ќе обезбедат заштеда на огромни финансиски средства доколку компаниите ги вршат овие испитувања во лабораториите на ФЕИТ.
„На пример за периодично испитување на енергетска и друга опрема, една енергетска компанија во РМ годишно издвојува околу 5.000.000 денари, ако овие тестирања се изведуваат преку ова инспекциско тело акредитирано во нашата земја, додека овие трошоци би биле значително повисоки и можат да достигнат до 60.000.000 денари, кога се користат услугите на инспекциски тела надвор од РМ“, објасни министерот Ристовски.
Исто така, како потврда за квалитетното работење, ФЕИТ го воведе и стандардот за квалитет ISO 9001:2008.
Викторија Тодоровска
