Средношколци – идни новинари во посета на МРТ
Идните новинари повторно на гости во Македонската Радио- телевизија. Имаа можност да се запознаат со начинот на работата на јавниот сервис, посебно со подготовката на вестите во информативната редакција. Секој со своите желби, но и очекувања...

Идните новинари во Mакедонија, традиционално повторно на гости во јавниот сервис. Средношколци од повеќе училишта имаа можност да се запознаат со начинот на работата на Македонската Радио- телевизија и целиот процес на подготовка на вестите. Некои од нив се пронајдоа во професијата новинар, презентер, снимател.
„Најмногу ми се допадна камерманството“, вели Панче Пренџов, средношколец.
„Интересно е да бидеш новинар, сепак во иднина би можела да пробам, ако имам шанса“, додава Тамара Велкова, средношколка.
„Новинарството е доста интересна професија, ме интересира“, вели Меланија Стојанова, средношколка.
Следните генерации новинари се запознаа со своите колеги кои се носителите на информативната програма на МРТВ. Поразговараа со долгогодишните новинари и уредници. Го видоа начинот на работа на снимателите, тонците и целата екипа заслужна за реализација на вестите.
„Домаќини сме на средношколци од повеќе училишта, ова е добра можност тие да се запознаат со начин на работа на медиумите, улогата на јавниот сервис, она што ние го работиме секојдневно. Ова е и еден добар поттик за нив доколку сакаат некогаш да се занимаваат со новинарство, да бидат сниматели и да бидат наши колеги“, изјави Мартин Пушевски, уредник во информативна редакција на МРТВ.
Посетата на средношколците од цела Македонија е во организација на Високата школа за новинарство.
Александра Спировска