Четворица професори во трка за претседателската фотеља
03.03.2014 11:02
Партиите кандидатурите за иден шеф на државата треба да ги достават до ДИK, 30 дена пред изборите...

Во претседателската трка за нов шеф на државата, изборната битка ќе ја водат четворица кандидати, актуелниот претседател Ѓорге Иванов, номиниран од ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски како кандидат на ГРОМ и Илјаз Халими од ДПА. Интересно е што на шестите по ред претседателски избори во конкуренција се четворица професори.
Од кандидатите што претендираат на оваа функција, тројца кандидатурите ги обезбедија преку собирање граѓански потписи, а само Пендаровски ќе биде номиниран со поддршка од 30 пратеници. Оваа можност ја имаше и актуелниот претседател Ѓорге Иванов, сепак ВМРО-ДПМНЕ реши зад него да застанат и граѓаните и во рок од два часа за него се потпишаа повеќе од 20.000 поддржувачи.
Партиите кандидатурите за иден шеф на државата треба да ги достават до ДИK, 30 дена пред изборите. Доколку нема промени, на 13 април граѓаните ќе може да избираат меѓу четворица претседателски кандидати.
Актуелниот претседател Иванов, кој има 54 години, е професор на Правниот факултет и предава политичка теорија и политичка филозофија.
Kандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, на 3 април ќе наполни 51 година и е професор по меѓународни односи на Американ колеџ во Скопје.
Зоран Поповски, кандидатот на ГРОМ, има 51 година и е професор по биохемија и генетско инженерство и предава општа и клиничка биохемија на Факултетот за фармација и ГМО на Технолошко-металуршкиот факултет.
Илјаз Халими од ДПА, кој со 59 години е највозрасен меѓу кандидатите за шеф на државата, бил професор по социологија и директор на тетовската гимназија.
Условот 10 илјади потписи не го исполнија Стојанче Ангелов од Достоинство и професорката Билјана Ванковска како независен кандидат.
Од 4 март стартува периодот од 20 дена пред изборната кампања во кој стапуваат насила новите рестрикции за трошење на јавните средства и настапи на функционерите согласно последните измени во новиот Изборен Законик.
